Москва ги отфрли тврдењата на Лондон дека се обидува да ја урне украинската влада

Кремљ, Москва

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата на Велика Британија дека Русија се обидува да ја замени украинската влада со про-московска администрација и дека за потенцијален кандидат го разгледува поранешниот украински пратеник Евгениј Мураев.

„Дезинформациите објавени од британското Министерство за надворешни работи се доказ дека членките на НАТО се предводени од англосаксонците и ги зголемуваат тензиите околу Украина. Го повикуваме британското Министерство да престане со провокативните активности и да го запре ширењето на бесмислици“, соопшти МНР на социјалната мрежа Твитер.

Министерството за надворешни работи на Велика Британија именуваше уште неколку украински политичари за кои се наведува дека се поврзани со руските разузнавачки служби, заедно со Мураев, лидерот на малата проруска партија „Наши“, која во моментов нема пратеници во украинскиот парламент.

Според Би-Би-Си, Мураев е сопственик на медиум, а местото во украинскиот парламент го загуби во 2019 година, кога неговата партија не успеа да го помине прагот од пет отсто на изборите.

Одговарајќи на тврдењата на Велика Британија дека е потенцијален кандидат на Кремљ, тој за Обсервер изјави дека МНР „делува збунето“.

„Не е многу логично. Мене ми е забранет влез во Русија. Не само тоа, туку и парите на фирмата на татко ми во таа земја беа конфискувани“, изјави Мураев.