Оставка на шефот на германската морнарица по спорните изјави за Украина

Вицеадмиралот Кај-Ахим Шонбах

Шефот на германската морнарица, вицеадмиралот Кај-Ахим Шонбах, поднесе оставка по контроверзните изјави за кризата во Украина, објави портпаролот на Министерството за одбрана.

Вицеадмиралот, кој меѓу другото ја оцени како глупава идејата дека Русија сака да ја преземе Украина, ја напушта функцијата, а одлуката ќе стапи на сила веднаш, изјави портпаролот за агенцијата Франс прес.

Неговата изјава предизвика дипломатска бура во време кога Германија и нејзините западни сојузници со недели предупредуваат за опасноста од руска инвазија на Украина.

Тој зборуваше на состанокот на еден институт одржан во петок во Њу Делхи, чија содржина кружеше на социјалните мрежи.

„Лесно е да му се оддаде почитта што ја бара и веројатно ја заслужува“, рече вицеадмиралот за рускиот претседател Владимир Путин.

Тој, меѓу другото, оцени дека полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, „замина“ и нема да се врати во управата на Украина, што предизвика гнев во Киев. Тоа е изјава која исто така е целосно спротивна на ставот на неговата земја која бара враќање на Крим на Украина.

Вицеадмиралот изрази жалење, наведувајќи дека неговите изјави биле „непромислени“ и дека биле грешка, пренесува АФП.

„Побарав од министерката за одбрана Кристин Ламбрехт да ме ослободи од должноста и таа одлука веднаш да стапи во сила. Ламбрехт го прифати моето барање“, рече Шонбах.

Во порака објавена на социјалната мрежа Твитер, Шонбах истакна дека неговите коментари дадени за време на дискусијата во Индија претставуваат лично мислење и дека тие не се официјален став на Министерството за одбрана.