Британската шефица на дипломатијата во февруари во Москва

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус се очекува да ја посети Москва и да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во февруари, објави руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи.

Агенцијата цитираше извор од Министерството кој рекол дека „британската министерка за надворешни работи побарала можност да отпатува во Москва“ и оти посетата е одобрена.

Предложената посета ќе биде прва посета на британскиот министер за надворешни работи на Москва од декември 2017 година.

Иницијативата доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Русија и Западот поради распределувањето на руски војници долж нејзината граница со Украина и барањата на Москва да ги ограничи активностите на НАТО во земјите од поранешниот Советски Сојуз.

Во говорот во Австралија вчера, Трус го предупреди рускиот претседател Владимир Путин „да се откаже и да се повлече од Украина пред да направи огромна стратешка грешка“.