Пет воени авиони Еурофајтер од Шпанија и два Ф-35 од Холандија ќе го чуваат воздушниот простор на Бугарија, изјави министерот за одбрана на Бугарија, Стефан Јанев по церемонијата на инаугурација на претседателот Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова.
Шпанија и Холандија понудија да испратат борбени авиони во Бугарија поради зголемените тензии меѓу Русија и НАТО.
„Авионите од Шпанија и Холандија ќе ја извршуваат задачата за заштита на воздушниот простор на Бугарија, кои ќе бидат заедно со бугарските пилоти,“ изјави Јанев.
В понеделник бугарската влада ќе одлучува за шпанските сили, а воените авиони од Холандија треба да пристигнат во Бугарија во април или мај.
Претходно бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека е многу важно малите земји, како што е Бугарија, да имаат целосни овластувања сами да одлучуваат за својата судбина и за своето членство и што се случува на нивните територии.
„Бугарскиот суверенитет го ставаме над се, изјави тој како одговор на прашањето за инсистирањето на Русија за повлекување на силите на НАТО од Бугарија и како тој ја толкува таа порака.