Владата на денешната петта седница врз основа на овластувањата од прогласената кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија, го одобри договорот со кој Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се стекна со право да управува со сите деловни активности на топланата Скопје Север АД - Скопје, со сите трансакциски сметки на Скопје Север АД - Скопје како и со наменската сметка која што топланата ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка. Ова вечерва го соопштија од владината прес служба.
Инаку ЕСМ од денеска го преземе управувањето со топлинската енергија од Балкан енерџи груп БЕГ. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека владата ќе префрли шест милиони евра на сметката на АД ЕСМ за да го преземе управувањето, дистрибуцијата, снабдувањето и производството на топлинска енергија за град Скопје за целата грејна сезона од моменталниот носител на лиценцата БЕГ.