Препорачано скратување на изолација на седум дена, Владата ќе одлучува во вторник

Илустрација - Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје декември 2020

Комисијата за заразни болести препорачува изолацијата на лица позитивни од Ковид-19 од десет дена да се намали на седум дена, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.

“На денешната седница која беше свикана по барање на министерот за здравство, членовите на Комисијата одговорија позитивно и се состанавме. На тој состанок се разговареше, и секако врз основа на следењето на трендот на одлуки кои се донесени во различни држави, кои се релевантни и се земаат за пример за споредување и врз основа на нашиот Институт за јавно здравје кој ги добива на дневна база податоците, одлуката на Комисијата е изолацијата од десет дена да се намали на седум дена“, изјави Сали за ТВ Сител.

Тој напомена дека оваа одлука не е конечна, затоа што, како што рече, во идниот период состојбата со новозарезани ќе се следи и соодветно ќе се носат препораки и одлуки. Оваа препорака на Комисијата треба да се најде на Кризен штаб во понеделник, а во вторник веќе треба да биде на седницата на Влада.

Министерот за здравство изјави и дека болничките капацитети во земјава за ковид пациенти се исполнети околу 60 отсто. Тој исто така испрати апел до граѓаните вакцинацијата да продолжи. Посочи дека се уште е рано да се зборува за укинување на Ковид-сертификатите зашто нивото на вакцинација на населението во земјава е многу помала во однос на другите земји.

Сали дојде на министерската позиција во здравство неделава. Во текот на целата пандемијата со коронавирусот со министерството раководеше Венко Филипче. Македонија во моментов се соочува со нов бран на заразени со ковид19 предизвикан од сојот омикрон.