ЕУ воспостави минимално присуство во Кабул

Кабул

Европската унија соопшти дека повторно воспоставила „минимално присуство“ на својот персонал во Кабул за да го олесни доставувањето хуманитарна помош за Авганистан, земјата разорена од војна, во која талибанците летоска повторно ја презедоа власта.

„Нашето минимално присуство во Кабул во никаков случај не треба да се смета како признавање“ на режимот на власт, напиша во соопштение Петер Стано, портпарол на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Тој рече дека тоа јасно им било назначено на талибанците на власт.

Претходно, авганистанското Министерство за надворешни работи објави дека повторно се отвора амбасадата на ЕУ со странско присуство во Кабул, првпат по пет месеци.

Ниедна земја досега не ја призна владата на талибанците. Меѓународната заедница чека да види како талибанците, исламистички фундаменталисти, имаат намера да владеат со земјата, откако при претходното нивно владеење од 1996 до 2001 година во голема мера ги кршеа човековите права.

Талибанците уверуваат дека се модернизирале, но жените и понатаму главно се исклучени од јавни служби, а средните училишта за девојчиња во голема мера се затворени.

Неколку земји, меѓу кои Пакистан, Русија, Кина, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Иран, ги задржаа отворени своите амбасади во Кабул и после победата на талибанците кон средината на август, но ниту тие земји не ја признаа талибанската влада.

Западните дипломати почнаа да го евакуираат својот персонал во првото полугодие од 2021 година, кога американските сили го почнаа конечното повлекување од Авганистан. Повлекувањето заврши кон крајот на август со хаотична евакуација на 120 илјади луѓе, откако талибанците по брза постапка ја освоија земјата.