Град Скопје поднесе кривична пријава за поранешниот директор на МКЦ Арсов за дочекот на Новата 2020 година

Поранешниот директор на МКЦ Русе Арсов

Град Скопје, по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупција за поведување постапка за утврдување одговорност поради неприменување на одредбите од Законот за јавни набавки при организирањето на дочекот на новата 2020 година поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против поранешниот в.д. директор на ЈУ МКЦ, Русе Арсов, информираат од прес службата на главниот град. Од таму наведуваат дека Арсов во својство на в.д. директор на МКЦ на 14.12.2019 година објавил јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“ додека критериумите за избор на најповолна понуда со определни бодови од јавната установа биле донесени на 18.12.2019 година, односно по објавување на јавниот повик, и истите не се составен дел на јавниот повик.

„Поради необјавувањето на овие критериуми, потенцијалните учесници на јавниот повик не биле информирани на кој начин ќе се врши доделувањето на бодовите и изборот на најповолна понуда“, информираше на денешната прес-конференција Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.

Тој додаде дека на објавениот јавен повик се пријавил еден единствен правен субјект, Здружение Дирекција за култура и уметност од Скопје, при што е избран а во записникот не е извршено поединечно бодување, односно не е нотирано за кој критериум колку бодови се доделуваат, туку бодовите се доделени збирно за критериумите од двата дела.

Според Апостолоски, во понатамошната постапка Арсов како в.д. директор ден 20.12.2019 година склучил договор со Здружението Дирекција за култура и уметност Скопје, со што постапил спротивно на Законот за јавни набавки и овозможил настанот да се организира надвор од пропишаната законска регулатива. Арсов на 30 декември си даде оставка од позицијата поради здравствени причини.