Белоруски фудбалер и спортски новинар доби затворска казна поради протестите

Белорускиот фудбалер и спортски новинар Александар Ивулин.

Познатиот белоруски фудбалер и спортски новинар Александар Ивулин е осуден на две години затвор поради учество во протестите против авторитарниот лидер на земјата Александар Лукашенко.

Окружниот суд во Минск денеска го осуди Ивулин откако го прогласи за виновен за „организација и подготовка на активности отворено насочени кон нарушување на општествениот поредок“.

Ивулин, кој го отфрли обвинението, беше уапсен на почетокот на јуни минатата година и првично беше осуден на 30 дена затвор за кршење на законите за јавни собири. Подоцна против него беше покрената кривична постапка.

Во Белорусија се случуваа антивладини протести кои избувнаа по претседателските избори во август 2020 година, на кои Лукашенко побара реизбор, но многу Белоруси велат дека гласањето било наместено.

Протестите беа проследени со приведување на десетици илјади луѓе. Голем дел од лидерите на опозицијата се затворени или принудени на егзил.

Неколку демонстранти беа убиени, а илјадници уапсени за време на масовните протести со кои се бараше оставка на Лукашенко. Имаше и веродостојни извештаи за тортура за време на проширената безбедносна акција. Белоруските власти затворија и неколку невладини организации и медиуми.

Западот, кој одби да ги признае официјалните резултати од претседателските избори и не го смета Лукашенка за легитимен лидер на земјата, воведе неколку рунди санкции против неговиот режим. Белоруските организации за човекови права го признаа Ивулин како политички затвореник.