Ердоган во наредните недели ќе ја посети Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја посети Украина во рок од неколку недели за да се обиде да ги смири растечките тензии со Русија, изјави денеска неговиот помошник за надворешна политика.

Советникот за надворешна политика Ибрахим Калин рече дека Ердоган ќе отпатува во Украина во следните неколку недели за да разговара со претседателот Володимир Зеленски и дека ќе остане во близок контакт со Русите.

Советникот на турскиот претседател изјави дека Ердоган разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, но и со украинскиот претседател Володомир Зеленски.

„Всушност, тој дури ги покани и да дојдат во Турција. Турција останува на располагање за секоја улога што може да ја одигра во намалувањето на тензиите меѓу Русија и Украина“, рече Калин.

Членката на НАТО Турција не ја призна руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

Тензиите меѓу Западот и Русија се зголемуваат во последните недели поради стравот на западните земји од руска инвазија на Украина.