Војниците на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО) предводена од Русија го завршија своето повлекување од Казахстан, каде беа поканети од владата на оваа централноазиска земја по смртоносните протести во најголемиот град на земјата Алмати, на почетокот на јануари.
Рускиот амбасадор во Казахстан, Алексеј Бородавкин и генералот Андреј Сердјуков, кој ја предводеше мисијата на ЦСТО во Казахстан, на 19 јануари изјавија дека „мировната операција“ е завршена и дека „сите“ војници ја напуштиле поранешната советска република.
Руски, ерменски, киргистански и таџикистански војници беа испратени во Казахстан по малите протести против зголемувањето на цената на горивото во градот Жанаозен, што предизвикаа масовни антивладини протести низ земјата богата со нафта и кои доведоа до смртоносни судири во Алмати и на други места.
Казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев тогаш изјави дека „20.000 терористи обучени во странство“ го нападнале Алмати и покани војници од земјите-членки на ЦСТО за да ја „стабилизираат“ ситуацијата во земјата.
Токаев не откри никакви докази за присуство на „терористи“ во земјата или за поттикнување на протестите.
Казахстанските власти соопштија дека за време на протестите биле убиени речиси 227 лица, вклучително и 19 службеници за спроведување на законот.
Активистите за човекови права велат дека бројот на загинати е можно да биде многу поголем, бидејќи голем број луѓе се водат за исчезнати по немирите.