УНИЦЕФ-Одложувањето на второто полугодие треба да биде привремено

Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја. Во нивното соопштение е посочено дека додека земјата минува низ уште еден бран на инфекции со ковид -19, сè почесто предизвикан од сојот омикрон, најдобриот интерес на детето мора да има централно место при секое одлучување дали училиштата да останат отворени.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани смета дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и дека физичкото присуство на настава во училиште се чини не е главниот двигател на ширење на инфекцијата.
Претходните одложувања на почетокот на учебната година беа ретки и изгубеното време за учење беше компензирано. Сегашната ситуација се влошува со долги периоди на затворање на училиштата поради пандемијата.

„Уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата. Пред пандемијата на ковид-19 Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето при што повеќе од половината од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика. Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период, се вели во пишанат изјава на претставничката на УНИЦЕФ ДиЏовани.
Ризиците со коишто децата се соочуваат кога се надвор од училиште и понатаму се поголеми од ризиците во училиште,“ се вели во соопштението.

Ќе го одложи ли ширењето на омикронот одложувањето на второто полугодие?

Посочува дека долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо.