Пендаровски-Потребно е враќање на довербата меѓу двете влади во Скопје и Софија

Претседателот Стево Пендаровски на средба со претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков,

„Потребно е враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во Вилата Водно.

Во соопштението е наведено дека надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот.

Пендаровски истакна дека Северна Македонија во духот на добрососедството и почитувањето на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање компромисно решение за отворените прашања.

Оптимисти, но без одговор на клучните прашања

На средбата се разговарало за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед на тоа дека Северна Македонија и Бугарија се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за започнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните, се вели во соопштението.

Пендаровски на средбата посочил дека отпочнувањето на македонските пристапни преговори со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион.