Блинкен во посета на Киев и Берлин

Американскиот државен секретар Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен утре ќе го посети Киев каде ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски во знак на поддршка поради загриженоста на Западот дека Русија се подготвува да го нападне својот сосед.

На агендата на Блинкен е средба со Зеленски и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за „да ја зајакне посветеноста на Соединетите Држави за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, пред да замине за Берлин на разговори со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Прајс додаде дека оваа средба ќе биде проследена со разговори со Велика Британија, Франција и Германија за „заедничките напори за одвраќање на понатамошната руска агресија врз Украина“, вклучително и „подготвеноста на сојузниците да наметнат огромни последици за Русија. "

Соединетите Држави и нивните западни сојузници предупредија на тешки последици за Москва доколку Русија, која постави десетици илјади војници во близина на границите на Украина, започне воена офанзива во поранешната советска република.

Москва засега негира дека има такви планови.

Колку Русија е посветена на дипломатијата?

Западот веќе воведе санкции кон Русија поради нелегалната анексија на Украина на Крим од страна на Москва во март 2014 година и нејзината поддршка за сепаратистичките борци во источна Украина во војната која однесе повеќе од 13 илјади животи од април 2014 година.

„Патувањето и консултациите на Блинкен се дел од дипломатските напори за деескалација на тензиите предизвикани од военото засилување на Русија и континуираната агресија против Украина“, изјави Прајс.

Посетата доаѓа откако денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок се сретна со нејзиниот руски колега Сергеј Лавров во Москва.
По разговорите, Баербок рече дека Германија е подготвена да ги брани фундаменталните вредности во конфликтот со Русија за Украина, дури и ако тоа значи да плати „висока економска цена“.

ЕУ- Нема решение за руско-украинската тензија без Европа

За време на нејзината посета на Киев претходниот ден, германската министерка предупреди дека „секоја понатамошна ескалација ќе донесе висока цена за рускиот режим - економска, политичка и стратешка“.

Во услови на зголемен домашен и меѓународен притисок врз Берлин, канцеларот Олаф Шолц денеска изјави дека Германија е подготвена да разговара за запирање на проектот за гасоводот „Северен тек 2“ наменет да донесе повеќе руски гас во Западна Европа доколку Русија ја нападне Украина.

„Јасно е дека ќе има висока цена и дека за сè ќе треба да се разговара доколку има воена интервенција во Украина“, рече Шолц за новинарите, одговарајќи на прашање по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Берлин.