Бугарскиот премиер Петков во Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ќе престојува во посета на Северна Македонија. Посетата, како што соопшти службата за информирање на бугарската влада, е по повод 30-годишнината од признавањето од Бугарија на независноста на Република Северна Македонија. Во Скопје Петков ќе биде придружуван од министрите за надворешни работи и за транспорт Теодора Генчовска и Николај Шабев. Во соопштението се наведува дека посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи и ќе ги означи следните чекори што ќе ги преземат двете влади за решавање на отворените прашања меѓу двата соседа.

Петков: Со Ковачевски ќе работиме заедно на нов конструктивен дијалог

Петков во интервју за новинската агенција МИА кое беше објавено во пресрет на денешната посета на Скопје изјави дека доаѓа веднаш по изборот на новата Влада на Димитар Ковачевски со цел да се воспостави постојана комункација и да се постигне напредок. Според него, тежината на некои проблеми зависи од контекстот во кои се поставени и ако се постигне успех во точно дефинирање какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни.

Ковачевски: Во преговорите не може да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци

Пред посетата премиерот Ковачевски изјави дека со Петков нема да потпишуваат договори, туку ќе работат на враќање на довербата. Софија постојано го блокира почетокот на преговорите за пристап на Македонија во ЕУ, инсистирајќи Скопје прво треба да ги исполни условите од Договорот за добрососедство со Бугарија, кои, како што наведуваат од владата, вклучуваат напуштање на говорот на омраза против Бугарија, искривување на историските факти во учебниците и на други места и дискриминација против нејзините граѓани кои се идентификуваат како Бугари.