На првата конститутивна седница на Владата која се одржа попладнево биле определени заменици на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и нивните должности.
За вицепремиери се именувани Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, за прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Фатмир Битиќи, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, за координација со економските ресори и инвестиции, Бојан Маричиќ, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања и Џемаил Чупи, именуван за министер без ресор, задолжен за дијаспора.
Владата именуваше и претседатели и членови на основните комисии на Владата на Република Северна Македонија. Меѓудругото на денешната седница е донесено и Решение за именување членови на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и за членови се определени: Славјанка Петровска, министер за одбрана, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, д-р Бујар Османи, министер за надворешни работи, м-р Беким Сали, министер за здравство, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена. За раководител на Управувачкиот комитет е определен Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Владата на оваа седница го продолжи работењето на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) за менаџирање со справувањето со последиците од пандемијата со ковид 19 со претставници на Владата и на институциите кои и до сега беа вклучени во неговата работа.
Согласно приоритетите на Владата како што се здравјето на граѓаните и квалитетот на образованието, на денешната седница е донесен заклучок за вечерва во 20:00 часот да се свика состанок на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) за менаџирање со справувањето со последиците од пандемијата со ковид 19 и во консултација со Комисијата за заразни болести, да се разгледа прашањето за почетокот на второто полугодие од наставата во основното и средното образование. Со работата на ГККШ ќе претседава претседателот на Владата Димитар Ковачевски.