Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Владата наскоро ќе одлучи дали компанијата Рио Тинто ќе работи во Србија. Таа рече дека одлуката ќе биде донесена по консултации со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Немаме проблем да донесеме одлука за Рио Тинто. Не ги донесовме во Србија, не им дадовме ништо. Немаме никаков договор со Рио Тинто“, рече меѓу другото Брнабиќ во Нови Сад.
Таа изјави дека што се однесува до неа, таа австралиско-британска компанија, не мора да биде во Србија.
Рио Сава Експлорејшн, подружница на Рио Тинто, на 23 декември соопшти дека планира да го запре проектот „Јадар“ за да повика на јавен дијалог преку кој жителите би се запознале со сите негови аспекти.
Рио Тинто ги отфрли тврдењата на домашните еколошки организации за загадувањето при евентуална експлоатација на литиум од минералот јадарит и најави почитување на највисоките еколошки стандарди за проектот Јадар.
Еколошките организации поддржани од граѓаните кои се противат на планираното ископување на литиум во Србија протестираат и го блокираат сообраќајот од ноември. Тие бараат од Владата да ја укине уредбата за просторниот план со кој се предвидува реализација на рударскиот проект „Јадар“, кај Лозница западно од земјата, како и објавување на документите потпишани со Рио Тинто.