Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го продолжи претресот на седницата за избор на нова Влада. Мандатарот Димитар Ковачевски по вчерашното отворање на расправата, во експозето наведе дека владината програма ќе биде фокусирана на решавање на актуелните и идните проблеми во економијата, енергетската криза и пандемијата, но и дека ќе ги интензивираат преговорите со Бугарија со цел надминување на спорот и почнување на преговорите со ЕУ. Тој рече дека никој не смее и не преговара за идентитетот на македонскиот народ.
„Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја која развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратешки интерес да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ“, рече Ковачевски.
Пратениците од опозицијата рекоа дека нема да ја поддржат новата Влада, бидејќи сметаат оти новиот состав ќе ги продолжи политиките на старата Влада предводена од Зоран Заев. Тие рекоа дека во сите сектори на државата има криминал и корупција, а предупредија и на „можно предавство“ во преговорите за спорот со Бугарија.
Скоро сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои зборуваа од собраниската говорница, рекоа дека се потребни брзи предвремени парламентарни избори бидејќи оваа Влада според нив нема легитимитет. Ковачевски за предвремените избори рече дека граѓаните се уморни од гласање, а пратениците на власта рекоа дека оваа Влада го црпи легитимитетот од парламентарните избори во 2020 година.
Пратениците најдоцна денеска до полноќ треба да гласаат за новата Влада, за чии избор е потребно просто мнозинство од 61 глас. Доколку биде изгласана Владата на Ковачевски, ќе биде единаесеттата од прогласувањето на независноста на државата во 1991 година.
Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ откако претходниот претседател на партијата Зоран Заев поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Заев тогаш истовремено даде оставка и од премиерската функција.
Тој го доби мандатот за составување на новата Влада од претседателот Стево Пендаровски. Новата владина коалиција е составена од СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ и ДПА, а потоа се приклучи Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат Владата.