Австралискиот премиер ја поздрави судската одлука за Ѓоковиќ, критики од Вучиќ и Брнабиќ

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.

Премиерот на Австралија Скот Морисон изјави дека одлуката за укинување на визата за тенисерот Новак Ѓоковиќ е донесена од здравствени и безбедносни причини и од јавен интерес.

„Федералниот суд на Австралија едногласно одлучи да го одбие барањето на Новак Ѓоковиќ за повторно разгледување, со која се оспорува одлуката на министерот за имиграција да му ја одземе визата. Одлуката е донесена поради здравствени и безбедносни причини и врз основа на тоа дека е јавен интерес нашите граници да останат силни, а Австралијците да бидат безбедни“, се вели во соопштението на Морисон.

На 16 јануари тричлениот совет на Федералниот суд едногласно ја одби жалбата на Ѓоковиќ за укинувањето на визата, со што тој ќе биде депортиран од Австралија и нема да ја брани титулата на Австралија опен во Мелбурн.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека одлуката за укинување на визата за тенисерот Новак Ѓоковиќ е „политичка“ и дека станува збор за „лов на вештерки“.

„Мислат дека со таа одлука го понижиле Новак Ѓоковиќ. Се понижиле себеси, а Ѓоковиќ може да се врати во својата земја со крената глава и да ги гледа сите во очи“, изјави Вучиќ за новинарите по гласањето на референдумот за промените на српскиот устав.

Вучиќ рече дека првиот тенисер во светот направил се што е потребно за да учествува на Австралија Опен.

И српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека одлуката на Федералниот суд на Австралија да му ја укине визата на Ѓоковиќ е „скандалозна“.

„Мислам дека таа покажа како функционира владеењето на правото во некои други земји, односно како не функционира владеењето на правото. Неверојатно ми е што имаме две сосема спротивни судски одлуки за само неколку дена, 11 дена и физичко и психичко малтретирање“, рече Брнабиќ.