Вонредна седница на косовското Собрание за референдумот во Србија

Архива - косовскиот премиер Албин Курти во Собранието на Косово.

На денешна вонредна седница пратениците во Собранието на Косово расправаат за прашањето за одржувањето на српскиот референдум за промена на Уставот на територијата на Косово.

Седницата се одржува на барање на косовскиот премиер Албин Курти, откако меѓународната заедница на 14 јануари побара од косовската Влада да го дозволи референдумот и „да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето право на глас на изборите и изборните процеси“.

Премиерот Курти во воведното обраќање пред пратениците рече дека Уставот предвидува дека сите граѓани се еднакви пред законот и повтори дека правото на српската заедница да гласа на српскиот референдум не е повредено, односно дека тоа може да го сторат по пошта или во Српската канцеларија за врски.

Србија, која го смета Косово за дел од својата територија, инсистира да се отворат избирачките места во српските области на Косово.

Досега во Косово се одржаа парламентарни и претседателски избори, а гласачките ливчиња беа собрани од страна на Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Косовските Срби во последните години не гласаа како гласачи од странство, туку како да се внатре во земјата (Србија). Погрешната практика во последните години не го оправдува продолжувањето на повторените грешки. Косово е независна и суверена држава и треба да се третира како таква“, рече Курти.

Курти ја претстави и резолуцијата за која би требало да се гласа, во која се изнесува ставот против одржување на српскиот референдум на Косово, односно дека тој став е поддржан од целиот политички спектар на Косово.

Опозициската Демократска партија на Косово не присуствува на вонредната седница иако го поддржува ставот на Владата да не дозволи организирање на српски референдум. Од оваа партија претходно беше соопштено дека премиерот Курти сака да избегне одговорност на вонредната седница на Собранието на Косово.

Инаку, водечките албански партии на Косово изјавија дека не поддржуваат одржување референдум за Србија на територијата на Косово.

Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, го повтори ставот на неговата партија против одржување на српски референдум во Косово.

„ЛДК очекува, го поздравува и поддржува целосното почитување на Уставот и нашиот уставен поредок“, рече тој.

Но, тој го критикуваше косовскиот премиер Курти за свикувањето на седницата, наведувајќи дека тоа е непотребно и дека тоа е негов обид да се скрие зад пратениците.

Претседателот на пратеничката група Српска листа Игор Симиќ повика да се прекине „антисрпската кампања“ и да се дозволи српскиот референдум.

По говорот на Симиќ, пратениците на Српската листа ја напуштија собраниската сала со образложение дека „не сакаат да ѝ дадат легитимитет на седницата“.

Вонредната седница во Косово беше свикана откако во заедничка изјава Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, САД и Европската унија, на 14 јануари ја повикаа косовската влада да дозволи одржување на српски референдум за Косово.

„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од дејствија и реторика кои предизвикуваат тензии и конструктивно да се вклучат во дијалогот преку ЕУ“, се наведува меѓу другото.