Уште еден кинески град презема мерки за сузбивање на Омикрон

Жителите чекаат ред за да се тестираат за Ковид-19 во северниот кинески град Тијанџин. 12 јануари 2022 година.

Јужниот кинески град Жухаи на 15 јануари го суспендираше јавниот автобуски превоз откако беше објавено дека се откриени најмалку седум случаи на високо преносливата варијанта на коронавирусот Омикрон.

Масовното тестирање беше започнато во Жухаи на 14 јануари, откако претходно оваа недела беше откриен случај во соседен град. Со тестирањето бил регистриран Омикрон кај еден поединец кој бил лесно болен и кај шест други пациенти кои немале симптоми.

Од жителите беше побарано да избегнуваат да го напуштаат Жухаи - град со 2,4 милиони жители кој граничи со коцкарскиот центар Макао. Неговите бизниси, од козметички салони до кино сали, веќе добија наредба да затворат и пред воведувањето на забраната на автобускиот превоз.

Кина одговори на неколку неодамнешни избувнувања на коронавирусот во градовите со наредба на луѓето да останат дома додека земјата ја зголемува будноста пред Зимските олимписки игри во Пекинг следниот месец. Пристанишниот град Тијанџин, производствен центар југоисточно од Пекинг со 14 милиони луѓе, нареди трет круг масовно тестирање почнувајќи од 15 јануари.

Кина во текот на пандемијата го задржа својот официјален број на случаи на Ковид-19 и смртни случаи на релативно ниско ниво, со тоа што веднаш нареди вакво масовно тестирање и строги заклучувања при откривањето на инфекции. Но, брзо распространетата варијанта Омикрон сега претставува предизвика на таа стратегија.