Министерството за здравство соопшти денеска дека Институтот за јавно здравје во редовниот извештај пријавил починато бебе на шест месечна возраст. Бебето во регистарот Мој Термин е заведено дека починало на 3 јануари.
„Според податоците добиени од Клиниката за детска хирургија, станува збор за дете со вродена аномалија на черепот. Доенчето е примено на Клиниката за Неврохирургија заради оперативна интервенција. По добивање на ковид позитивен тест, детето е ставено во изолација на респираторна машина и е ординирана соодветна терапија. Со цел постоперативно третирање детето е хоспитализирано на Клиника за детска хирургија. По континуиран период на лоша општа состојба (со настаната респираторна и хепатална инсуфициенција и тестови со наод во прилог на дисеминиранта интраваскуларна коагулопатија) во текот на престојот на Клиниката, на 03.01.2022 доаѓа до дополнително влошување на општата состојба. Лекарите на Клиниката ги превземаа сите мерки за интензивно лекување и реанимација, но и покрај тоа за жал малиот пациент заврши летално“, се наведува во соопштението.
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа направени се 6.928 тестови, а регистрирани се 1.732 нови случаи на Ковид-19. Од вкупниот број на позитивни 204 се реинфекции. Оздравени се 1035 пациенти, а починати се 7 лица.