ВМРО-ДПМНЕ: Блок 3 на РЕК Битола повторно не работи

РЕК Битола

Блок 3 на РЕК Битола повторно не работи, соопшти денеска Стевче Антовски, член на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека третиот блок на РЕК е надвор од функција оти повторно трансформаторот не работи.

„Станува збор за истиот трансформатор којшто се запали во ноември, а беше наводно минат низ процес на ремонт. Сега пред неколку дена истиот трансформатор го исфрла цел Блок 3 на РЕК Битола од употреба“, рече Антовски.

Во ноември имаше пожар во Блок 3. Причина за пожарот, според АД ЕСМ е висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем. Поради пожарот не работеше и првиот Блок на РЕК, а вториот се сервисираше.

„Поправката на овој трансформатор од технички аспект е многу дискутабилна. Со техниката не се игра и истата не трпи импровизации. Веднаш после синхронизација на блокот се активирала заштитата на блок трансформаторот и Блок 3 е повторно надвор од погон“, рече Антовски. Тој вели дека, според укажувањата на стручните лица, поправката може да трае и една година, што значи дека Блок 3 во РЕК Битола најмалку една година ќе биде надвор од употреба. А, тоа пак значи дека ТЕЦ Неготино ќе произведува струја за 170 евра за MWh, а ќе ја продава за 41 евро по MWh на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ уште долго време, вели Антовски.

РЕК Битола информира дека во моментов работи со два блока – Блок 1 и Блок 2 и дека сè уште и во континуитет преземаат активности за санација на трансформаторот на Блок 3 кој беше оштетен во пожар на 5 ноември 2021.

Во соопштението, РЕК Битола ги оценува како „несериозни и злонамерни“ намерите да се коментираат состојбите во комбинатот од, како што наведува, „лица кои не се добро информирани и на никаков начин не се инволвирани во напорите за санација на трансформаторот на Блок 3“.

Македонија се соочува со енергетска криза, која пак е причина за политичките препукувања за тоа кој е виновен. Опозицијата ја обвинува власта за неспособност да ја менаџира кризата, а власта тврди дека проблемот е глобален и дека преземаат мерки за да ги ублажат последиците.

Од нова година поскапеа струјата и парното, а компанијата за топлинска енергија БЕГ побара Владата да го преземе управувањето со неа, оти немаат пари за набавка на гас.