Од СДСМ денеска соопштија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не ја разбрал или не сакал да ја разбере суштината на поканата за средба со мандатарот за состав на нова Влада, Димитар Ковачевски.
„Во ек на економска криза кога лидерите во светот зборуваат за поддршка на граѓаните, тој поставува услови за средба само ако има предвремени избори. Избори нема да има, треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и финансиска поддршка на граѓаните. За тоа треба да разговараме и заедно да гласаме во Собранието за овие приоритетни теми.Избори значат нов трошок, нова неизвесност и нов застој на целата економија“, соопштија од СДСМ.
Покрај ова, новата владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски, како што се наведува во соопштението, има полн капацитет и целосен легитимитет да го истера мандатот до крај, односно до 2024 и оттаму избори не се во план.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека до партијата не стигнала покана за средба. Но, според него, за таа да се случи услов е на неа да се разговара за предвремени избори и за содржината на одговорите кои Северна Македонија ги има дадено до официјална Софија во врска со спорот меѓу двете земји, како и за борбата против криминалот и корупцијата.
Седницата во Собранието за избор на новата Влада е закажана за сабота. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.