Амнести Интернешнел бара ослободување на уапсените на протестите во Казахстан

Протестите во Казахстан

Амнести интернешнел побара од властите на Казахстан веднаш да ги ослободат новинарите и активистите уапсени за време и по протестите низ целата земја минатата недела, кои доведоа до смртоносно насилство во Алмати.

Од организацијата соопштија дека лицата кои не извршиле меѓународно признати злосторства, но, биле уапсени произволно и поради кршење на контроверзниот закон на Казахстан за јавни собири, исто така, мора веднаш да бидат ослободени.

Казахстанските власти соопштија дека речиси 10.000 луѓе биле уапсени низ целата земја по протестите поради наглото зголемување на цената на течниот нафтен гас.

Амнести Интернешнел исто така ги повика казахстанските власти да спроведат темелни и непристрасни истраги за сите пријавени прекршувања на човековите права за време на протестите, вклучително и случаите кога полицијата е обвинета за употреба на смртоносно оружје против мирните демонстранти.

Точниот број на убиени демонстранти за време на немирите останува непознат, иако казахстанските власти соопштија дека загинале најмалку 18 службеници за спроведување на законот.