Вицепремиерот Љупчо Николовски и министрите за локална самоуправа Горан Милевски, за транспорт и врски Благој Бочварски и за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска ја посетија Битола, која деновиве беше погодена од серија земјотреси кои предизвикаа и материјална штета.
Вицепремиерот Николовски рече дека владата е подготвена да бидат санирани сите штети, посебно во јавните институции.
„Паралелно очекуваме избраната стручна комисија да направи реални проценки за обесштетување на граѓаните кои пријавиле штета од неодамнешниот земјотрес“, посочи Николовски.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски рече дека помошта од Владата ќе се реализира на две нивоа.
„Првото е врзано со санација на јавните институции, односно Битолската болница, која мора да биде во функција, како и детските градинки и училиштата кои иако се во надлежност на локалната самоуправа, сепак Владата треба да ги санира. Според информациите од Општина Битола штетите во селата кои се блиску до грчката граница се поголеми и затоа и таму ќе биде зголемен степенот на итност, посебно кај виталните објекти. Владата и Општина Битола соодветно ќе ги обесштетат сите граѓани“, рече министерот Милевски.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски нагласи дека министрите презеле обврска да помогнат.
„На средбата со владините претставници потсетивме дека Владата се уште не ги исплатила средствата за надомест на штети предизвикани од поплавите во 2018 година, а очекуваме и забрзување на постапката за санација на мостот на реката Драгор, која е во надлежност на Министерството за транспорт и врски“, истакна градоначалникот Коњановски.
Инаку серијата земјотреси што деновиве ја погодија Битола се со епицентрално подрачје кај Лерин, Северна Грција. Нaјсилниот земјотрес се случи вечерта на 9 јануари со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет.