Средба на Ковачевски и Мета - почнувањето на преговорите е важно за целиот регион

Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски на средба со претседателот на Албанија Илир Мета. 12.01.2022.

Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада Димитар Ковачевски денеска имаше средба со претседателот на Албанија Илир Мета, кој е во тридневна посета на Северна Македонија.

Ковачевски по средбата изјави дека Северна Македонија и Албанија како соседни земји имаат заедничка иднина во ЕУ и дека е убеден оти наскоро ќе ги почнат преговорите за членство, бидејќи досега исполниле сѐ што од нив било побарано.

„Сега е на ред ЕУ“, рече Ковачевски.

Од СДСМ соопштија дека на средбата било разговарано на повеќе теми со фокус на меѓусебната соработка, евроинтеграциите и иницијативата Отворен Балкан.

Ковачевски најави интензивирање на инфраструктурните проекти на Коридорот 8 кој, како што рече, ќе обезбеди подобро поврзување на Северна Македонија и Албанија.

Албанскиот претседатели Мета истакнал дека почнувањето на преговорите на Албанија и Северна Македонија со ЕУ е важно за двете земји, но и дека е интерес на целиот регион на Западен Балкан.

Вчера Мета се сретна со македоснкиот претседател Стево Пендаровски. На средбата тие констатирале дека треба да се отстрани блокадата за членството на двете земји во ЕУ.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата било заклучено дека деблокирањето на процесот за членство во Европската унија на Северна Македонија и Албанија и скорешен почеток на пристапните преговори ќе даде позитивен придонес за севкупниот напредок и стабилноста на региониот.

Средбата во Скопје беше втора на шефовите на двете држави во повеќе од две години, откако во октомври 2019 година Пендаровски му беше гостин на Мета во Тирана.

Северна Македонија и Албанија се земји кандидатки за членство во Европската унија и заедно во пакет треба да ги почнат пристапните преговори. Но, процесот за почеток на преговорите е блокиран поради ветото на Бугарија кон Северна Македонија.

Албанија и Северна Македонија, исто така, се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ заедно со Србија, што предвидува слобода на движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу трите земји.