Телефонски разговор Брнабиќ- Морисон за Ѓоковиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ побарала од премиерот на Австралија Скот Морисон австралиските власти да имаат фер третман кон тенисерот Новак Ѓоковиќ, соопшти Владата на Србија. Српската премиерка телефонски разговарала со Морисон вечерта на 10 јануари, а по одлуката на судот во Австралија првиот тенисер во светот да биде ослободен и да му важи влезната виза.

Австралиските власти претходно му ја укинаа визата на Ѓоковиќ, кој пристигна во земјата за да учествува на натпреварот, бидејќи не бил вакциниран против коронавирусот.

„Премиерката истакна дека Република Србија е целосно подготвена да ги даде сите гаранции на Австралија, доколку се потребни“, се наведува во соопштението по средбата, пренесе агенцијата Бета.

Се додава дека Брнабиќ побарала од Морисон во наредните денови да биде во директен контакт и директно да ги разменува сите информации меѓу владите на Србија и Австралија. Премиерот Морисон, како што се наведува, го прифатил овој предлог, а постигнат е договор двајцата државници повторно да разговараат во наредните денови.

Брнабиќ побарала од својот австралиски колега да направи се што е во негова моќ, за Новак Ѓоковиќ да има хуман и достоинствен третман во Австралија, за целото времетраење на неговиот престој, се наведува во соопштението.

Според медиумите, се уште не е сигурно дека Ѓоковиќ ќе игра на Австралија опен, кој започнува на 17 јануари, бидејќи владата има дискреционо право да ја укине визата.

При образложението на својот случај, Ѓоковиќ, на прашањето дали е вакциниран против коронавирус, одговори дека не е. Тој изјави дека два пати бил заразен со корона вирус, во јуни 2020 година и на 16 декември 2021 година.

Ѓоковиќ доби виза врз основа на медицинско ослободување од вакцинација. Според федералниот систем на Австралија, државите и териториите можат да издаваат исклучоци од задолжителните барања за вакцинација за да можат поединците да влезат на нивната територија. Сепак, федералната влада ги контролира меѓународните граници и може да ги оспори таквите исклучоци. Тој има освоено вкупно 20 Грен слем турнири. Моментно е најдобриот тенисер на светот, а од наградите заработи 155 милиони долари.