Столтенберг ја предупредува Русија дека скапо ќе плати ако ја нападне Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг повторно ја предупреди Москва дека ќе се плати висока цена ако ја нападне Украина, но додаде дека безбедносните разговори меѓу Русија и САД кои почнаа денеска во Женева може да најдат начин да се избегне конфликт.

„Ние исто така треба да испратиме многу јасна порака до Русија дека сме обединети и дека ќе има сериозно цена – економска, политичка цена за Русија ако повторно употребат воена сила против Украина, рече денеска Столтенберг на прес-конференција во Брисел по средбата со украинската вицепремиерка Олга Стефанишина.

„Ние ѝ даваме поддршка на Украина, ѝ помагаме да го задржи правото на самоодбрана“, рече тој.

Русија побара гаранции од НАТО дека нема дополнително да се проширува на исток кон поранешните советски републики, како Украина или Грузија. Кремљ исто така бара Алијансата да го повлече распоредувањето војници и оружје од Источна Европа.

Столтенберг рече дека безбедносните преговори меѓу Русија и Западот можеби нема да ги решат сите овие прашања оваа недела, но може да обезбедат пат да се избегне конфликт.

„Можно е да се склучат договори со Русија“, рече тој.

„Мислам дека не може да очекуваме дека овие средби ќе ги решат сите прашања. Она на што се надеваме е да се договориме за патот напред, дека може да договориме серија состаноци, да се согласиме за процесот“, рече тој.

Стафанишина рече дека барањата на Русија за безбедносни гаранции не се основа за преговори.

„Сите треба да сфатиме дека барањата на Русија до сојузниците не може да се сметаат за преговарачка позиција“, рече таа на заедничката прес-конференција со Столтенберг.

„Агресорот не е во позиција да поставува услови додека руските тенкови не ги напуштат украинските граници“, рече таа.