СДСМ вечерва треба да го потврди предлогот на Ковачевски за министри

Претседателот на државата Стево Пендаровски на Ковачевски му го врачи мандатот за состав на нова влада на 29 декември.

Раководните тела на владејачката СДСМ вечерва треба да ги потврдат кадровските решенија за составот на новата влада. Седницата на Извршниот одбор е закажа за 18 часот, по што во 20 часот ќе има состанок и Централниот одбор, потврдиле од СДСМ за МИА.

Лидерот на СДСМ и мандатар Ковачевски се очекува утре до Собранието да го достави предлогот за состав на владиниот кабинет и новата владина програма, а на крајот од неделава да се одржи собраниска седница за избор на владата.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на Ковачевски му го врачи мандатот за состав на нова влада на 29 декември, по што почна да тече рокот од 20 дена, односно не подоцна од 20-тиот ден во кој мандатарот треба да го достави составот на новиот владин кабинет и на владината програма до Собранието.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.
Изборот на нова влада уследи откако премиерот Зоран Заев даде оставка и од премиерската и од функцијата претседател на СДСМ по поразот на локалните избори.