Бугарски и македонски граѓани со отворено писмо за спорот

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Граѓанското здружение за бугарско-македонско пријателство „Под едно небо“, Институтот за балкански перспективи, Бугарскиот културен клуб- Скопје и Бугарско македонска стопанска комора упатија отворено писмо до премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, во кое ја поздравуваат нивната желба за промени и за искористување на следните месеци за постигнување позитивни резултати.

Тие воедно ги поздравуваат конструктивните чекори на новата бугарска влада и на премиерот Кирил Петков и се надеваат дека и лидерот на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски и новата влада на Северна Македонија, доколку бидат избрани, ќе направат исти такви коректни и точни потези.

Авторите на писмото кое е поддржано од 185 граѓани, се надеваат дека идниот премиер на Северна Македонија ќе ја поттикне македонската дипломатија и институции да заземат проактивна позиција за носење на неопходните одлуки во македонското општество и добрососедската политика со Бугарија, преку активен дијалог и позитивна размена на идеи за нови односи и политики на промени.

Во исто време, тие се загрижени поради, како што се посочува, постојаните обиди на екстремните националисти во двете земји да го нападнат овој процес.

„Не треба да се дозволи да не поделат гласовите на поранешните агенти на Државната безбедност и УБА, научници и јавни личности кои соработувале со тоталитарните режими кои дејствуваат против интересите на двете земји. Ваквите луѓе инволвирани во наметнување на спротивставување и поделеност во политиката не треба да бидат дел од институционалниот и социјалниот дијалог меѓу двете држави и двата народа“, стои во писмото.

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека висока делегација од Бугарија предводена од премиерот Кирил Петков на 18 јануари ќе ја посети земјава.Во придружба на Петков, како што соопшти МНР, ќе бидат и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.