Надал- жал ми е за Ѓоковиќ, ама ги знаеше условите

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал изјави дека му е жал за ситуацијата во која се најде Новак Ѓоковиќ, кому му беше укината визата при влезот во Австралија, но додаде дека српскиот тенисер знаел со месеци однапред дека е можно да се соочи со проблеми ако пристигне невакциниран против ковид-19.

Официјални лица вчера го приведоа Ѓоковиќ на австралиската граница по јавниот протест на тамошната јавност бидејќи му беше одобрено медицинско ослободување од вакцинација. Тенисерот беше префрлен во хотелски карантин во Мелбурн, а неговите адвокати поднесоа приговор против одлуката за депортација.

„Секако дека не ми се допаѓа тоа што се случува. На некој начин, жал ми е за него. Но, во исто време, тој знаеше со месеци какви се условите и ги носеше своите одлуки“, им рече Надал на новинарите во Мелбурн.

Тој додаде дека ова што се случува на никому не му оди во корист.

„Ситуацијата е непријатна. Нормално е што луѓето овде во Австралија се фрустрирани од овој случај бидејќи поминаа низ многу тешки затворања, а многу луѓе не можеа да се вратат дома“, рече Надал.

Шпанскиот тенисер додаде дека тој верува во тоа што го зборуваат медицинските лица и дека „ако велат дека треба да се вакцинираат, тогаш треба да се вакцинираат“. Инаку, Надал беше позитивен на ковид-19 минатиот месец по мечот во Абу Даби.

Ѓоковиќ, пак, јавно ја критикуваше задолжителната вакцинација и одби да го објави својот вакцинален статус. Тој пристигна во Австралија врз основа на документ за медицинско ослободување од вакцинација.