Во Киев средба меѓу Зеленски и Борел

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел го посети граничниот премин Станица Луганскаја помеѓу Украина и територијата контролирана од проруските милитанти во регионот Луганск, 5 јануари 2022 година

Во Киев денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе разговара со шефот на дипломатијата на Европската унија Жозеп Борел. Највисокиот дипломат на Европската унија во средата ја посети линијата на фронтот меѓу украинските војници и силите поддржани од Русија, што Киев го поздрави како демонстрација на солидарност против заканата од нова голема воена конфронтација со Москва. Борел е првиот висок претставник на ЕУ што го стори тоа од избувнувањето на конфликтот во 2014 година, како дел од дипломатскиот притисок на Западот за поддршка на Украина.

Борел: Ситуацијата меѓу Украина и Русија закана за целиот регион

„Со зголеменото воено засилување на Русија, тука сум да ја покажам поддршката на ЕУ за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и да ги поддржам одржливите реформски напори кои се клучни за издржливоста“, напиша Борел на Твитер. Украина се обидува да ја зацврсти поддршката од западните сојузници во последниве недели, обвинувајќи ја Русија дека собира десетици илјади војници во близина на нејзините граници како подготовка за можна воена офанзива од големи размери. Москва ги негира тврдењата на САД дека планира инвазија на Украина и го обвинува Киев за градење сопствени сили на истокот на земјата.

Во Украина во услови на потенцијална руска инвазија „нема хистерија“


Вашингтон во вторникот соопшти дека има силен консензус во Европа за последиците за Русија доколку Москва го ескалира конфликтот со Украина. Односите меѓу Киев и Москва пропаднаа откако Русија го анектираше Крим во 2014 година и силите поддржани од Москва зазедоа територии во источна Украина што Киев сака да ги врати. Москва сака гаранции дека НАТО ќе го запре ширењето на исток и ќе ја прекине воената соработка со Украина и Грузија, кои имаат територијални спорови со Русија.