Мировници од регионалната алијанса за безбедност предводена од Русија ќе бидат испратени во Казахстан за да помогнат во стабилизирањето на земјата, објави премиерот на Ерменија по невидениот бран немири во централноазиската држава богата со нафта, што беше предизвикан од покачување на цената на горивото. Ерменскиот премиер Никол Пашинијан на Фејсбук објави дека одлуката за распоредување мировници од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) на ограничен период е донесена како одговор на апелот на казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев. Во изјавата на Пашинијан се додава дека одлуката е донесена „поради заканата за националната безбедност и суверенитет на Република Казахстан, која настана како резултат на надворешно мешање“. ОДКС е воена алијанса составена од сили од Русија, Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан. Пашинијан не кажа колку мировници ќе бидат испратени и кога ќе пристигнат.
Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Казахстан
Токаев претходно на 5 јануари прогласи вонредна состојба во целата земја и му ја одзеде моќната лидерска улога на својот претходник откако илјадници антивладини демонстранти се судрија со полицијата и упаднаа во владините згради. Токаев рече дека апелирал до ОДКБ да му помогне на Казахстан да одговори на, како што рече, „терористичка закана“. Гневните демонстранти, од кои некои беа вооружени со гумени палки, стапови и штитови, на 5 јануари ја запалија претседателската резиденција и канцеларијата на градоначалникот во најголемиот град во земјата, Алмати, каде што демонстрантите, исто така, ја презедоа контролата врз аеродромот, што предизвика привремена суспензија на сите летови.
Во немирите во Казахстан, осум убиени и 317 ранети луѓе
Министерството за внатрешни работи соопшти дека осум полицајци и војници на националната гарда биле убиени, а 317 луѓе биле ранети за време на немирите ширум земјата, но не даде детали. Токаев не спомна ниту една цивилна смрт, но видео снимките што се шират на социјалните мрежи наводно покажуваат неколку тела на демонстранти на улиците. РСЕ не може самостојно да ја потврди автентичноста на видеата.