Тепачка во авганистанската Амбасада во Рим за амбасадорското место

Поглед на Рим

Италијанската полиција реагирала на повик за помош во Амбасадата на Авганистан во Рим, откако разрешен авганистански дипломат го нападнал амбасадорот, соопшти Амбасадата.

Во денешното соопштение на Амбасадата се наведува дека поранешниот дипломат Мохамед Фахим Кашаф влегол во зградата на амбасадата еден ден претходно тврдејќи дека бил именуван за амбасадор од страна на талибанските милитанти, кои ја презедоа власта од меѓународно признатата влада лани во август.

Во соопштението се вели дека Кашаф го нападнал амбасадорот во присуство на вработен во амбасадата, но амбасадорот се бранел и повикал италијанска полиција.

Во соопштението се додава дека Кашаф во придружба на полицијата бил испратен надвор до амбасадата.

Амбасадата во Италија, како и многу други дипломатски претставништва на Авганистан, остануваат во неизвесност, а повеќето вработени сè уште се лојални на владата поддржана од Западот, соборена од талибанците.

Според соопштението на Амбасадата во Рим, Кашаф неодамна останал без работа бидејќи „не ги почитувал националните вредности и вредностите на Исламската Република Авганистан“. Талибанците, пак, ја нарекуваат земјата Исламски емират Авганистан.

Во Кабул, портпаролот на Министерството за надворешни работи на владата предводена од талибанците, Абдул Кахар Балки, негираше дека Кашаф е назначен за амбасадор, но исто така рече дека тој не бил разрешен.
Според Балки, Кашаф бил назначен за прв секретар во амбасадата во Рим во декември 2020 година, со договор со важност до декември следната година.

Владата предводена од талибанците, која не е призната од ниту една земја, не именуваше нови дипломатски претставници во повеќето авганистански дипломатски мисии во странство.