Болсонаро повторно хоспитализиран поради болки во стомакот

Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро беше итно пренесен во болница поради силна болка во стомакот, за која лекарите открија дека е предизвикана од блокада на цревата, соопштија од неговата канцеларија. Оттаму додаваат дека веднаш биле започнати испитувања за да се утврди дали е неопходна операција.

Болсонаро (66) бил на одмор на плажа во јужната држава Санта Катарина кога започнале болките, по што веднаш е пренесен во Сао Паоло со претседателскиот авион.

Лидерот на екстремната десница имаше низа здравствени проблеми откако беше прободен со нож во стомакот за време на претседателската кампања во 2018 година.

„Откако почувствува болка во стомакот, претседателот беше примен во болницата „Вила Нова Стар“ во Сао Паоло рано во понеделникот за да биде подложен на прегледи“, се вели во соопштението од неговата канцеларија.

Во јули, Болсонаро помина четири дена на третман за „интестинална опструкција“. По нападот со нож, Болсонаро најмалку четири пати беше подложен на операција на стомакот. Лекарите рекоа дека Болсонаро изгубил 40 отсто од својата крв во нападот со нож, кој за малку ќе го убиел.

Но, тој преживеа и ја освои претседателската функција во октомври. Сепак, неговиот рејтинг во моментов е на најниско ниво иако се подготвува да побара реизбор овој октомври. Болсонаро заостанува далеку зад неговиот веројатно главен противник, левичарот и поранешен претседател Луис Инасио Лула да Силва, за кого неодамнешните анкети покажуваат дека би можел да победи на изборите во првиот круг.

Одморот на Болсонаро, кој започна на 27 декември, предизвика контроверзии во Бразил, која е силно погодена од рецесија.