На вонредна седница суспендиран ДУП во Тетово за ШИК „Јелак“

Општина Тетово

Советот на Општина Тетово на вонредна седница суспендира Детален урбанистички план за местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“ каде се предвидени да се градат дваесетина згради за домување и трговски центри. Градењето на објекти на оваа локација беше основа за политичко пресметување меѓу партиите и обвинувања за корупција. За суспензијата на ДУП-от гласаа мнозинство од советниците од Движење Беса, ВМРО-ДПМНЕ, граѓанската иницијатива Подобро за Тетово, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

„Денес му се рече „Стоп“ на една од најсомнителните коруптивни афери на градот Тетово со деталниот урбанистички план за урбан блок 57А. Во аудио разговори се збори за овој ДУП и се спомнуваат стотици илјади евра како се платени од контраверзен бизнисмен од Црна Гора. Денес е покрената иницијатива за суспензија и сега Комисијата за урбанизам од Општина Тетово назначена од градоначалникот треба да подготви елаборат што ќе го донесе во Советот и ние истите треба да го гласаме и да видиме истиот е како што треба и доликува на целосната процедура за донесување на тој план, “изјави Хамди Сулејмани советник од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“.

Советниците од ДУИ и СДСМ не учествуваа во гласањето, односно станаа од нивните места во Советот и седнаа во делот предвиден за јавноста и граѓаните.
Блерим Османи, координаторот на ДУИ рече дека не навлегуваат во суштината на точката на дневниот ред, туку на овој начин се спротиставуваат на тоа што е свикана вонредна седница без основа.

Кому ќе ја дадат Попова Шапка?

Оваа иницијатива за суспензија на ДУП-от сега треба да ја разгледа Комисија од Секторот за урбанизам па повторно да се оди на гласање во Советот дали ќе се менува целиот Детален урбанистички план или само делови.