За Рашковски наводите за џипот се невистини, ДКСК документите ќе ги достави до ЈО

Драги Рашковски

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски во допис до медиумите преку неговите адвокати тврди дека сите сознанија на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за џипот на неговата сопруга се невистини. ДКСК вчера соопшти дека ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност на Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за незаконито постапување со цел примање награда- возило.

„Доколку сте ги собрале документите за кои тврдите дека ги имате, тогаш многу добро знаете дека никој од никаква фирма нема добиено автомобил на поклон. Затоа, бараме од Вас, јавно да ги објавите сите документи до кои сте дошле со кои се потврдува евентуалното незаконско дејствие“, наведе Рашковски.

Според ДКСК, Рашковски доставувал информација до Владата за градење објекти што се сопственост на државата од страна на гостиварска фирма, која за десеткратно помала цена продала возило од марката „доџ“ на Игор Христов, а тој потоа го подарил на сопругата на Рашковски.

Во анкетниот лист од 05.03.2021 година Рашковски навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од 300 илјади денари или околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.

ДКСК појасни дека по извршената проверка на пазарот, оваа марка на возило иако е произведена 2005 година чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.

Од ДКСК денеска реагираа дека ги спроведуваат своите надлежности врз основа на прибирани податоци, информации и документи од надлежни институции, без намера „замајување на јавноста“ или „намера да и се наштети на нечија личност“.

ДКСК во соопштението наведува дека според член 17 став 5 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, има надлежност да покренува иницијатива пред Jавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење за предметите во кои постои сомневање за можни злоупотреби.

„Поради тајноста на постапката во конкретниот случај, ДКСК не е во можност да ги објави бараните информации, a целокупната документација ќе ја достави до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, која е надлежна мериторно да одлучи“, соопшти ДКСК.