Џафери: За новата Влада ќе се гласа на 15 или 16 јануари

Претседателот на Собранието, Талат Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска на прес конференција информира дека седницата за гласање на новата Влада најверојатно ќе се одржи на 15 или на 16 јануари. Според него, се очекува утре претседателот на државата, Стево Пендаровски да му го додели мандатот на новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. По доделување на мандатот, како што посочи Џафери, течат роковите за состав на Влада и на програма.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Џафери информира и дека во 2021 година се донесени вкупно 209 закони, од кои по редовна постапка се донесени 111, а по скратена постапка се донесени 79. Вкупно 188 закони се поднесени од Владата, 21 се поднесени од пратеници во Собранието, донесени се и 21 закон за ратификација на договори помеѓу Република Северна Македонија и други земји.

Централниот одбор на СДСМ на вчерашната седница му даде зелено светло на Ковачевски да биде мандатар. Тој стана лидер на партијата, откако Зоран Заев поднесе оставка од функцијата премиер и претседател на СДСМ.