Ангеловска-Бежоска: Девизниот курс на денарот е стабилен

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска изјави дека девизниот курс на денарот со години наназад е стабилен и ќе биде стабилен и во иднина.

„Гаранција за тоа е високото ниво на девизни резерви, но и многу други инструменти со коишто располага централната банка за коишто нема да се двоуми да ги употреби во одбрана на курсот“, рече Бежоска во интервју за ТВ 24.

Според неа, стабилниот курс на денарот е најоптималната стратегија соодветна за нашата економија.

„Ова не е став само на Народната банка. Ова е став и на меѓународните финансиски институции. Неодамна, Меѓународниот монетарен фонд јасно го даде својот став, во којшто посочи дека курсот на денарот е стабилен, дека стабилноста на курсот е клучното сидро на вкупната макроекономска стабилност, како и дека централната банка има соодветно ниво на девизни резерви за одбрана на стабилноста на курсот“, истакна гувернерката.

Како што соопшти Кабинетот на гувернерката, Бежоска порача и дека главниот инструмент со кој се брани стабилноста на курсот- девизните резерви, се одржуваат на историски највисоко ниво.

„Според последните расположливи податоци, девизните резерви изнесуваат 3,5 милијарди евра, или околу 30 проценти од БДП. Само за илустрација, во периодот 2008 ‒ 2009 година, односно во глобалната финансиска криза, со која исто така успешно се справивме и кога ја задржавме стабилноста на денарот, нивото на девизните резерви беше 1,4 милијарди евра, додека нивното релативно учество во бруто домашниот производ изнесуваше околу 22 отсто. Сите показатели според кои се оценува соодветноста на нивото на девизните резерви упатуваат на сосем соодветно ниво“, истакнува Ангеловска-Бежоска.