Врховниот суд во Ирак отфрли жалба за оспорување на изборните резултати

Илустрација Ирак избори

Врховниот суд на Ирак го отфрли случајот поднесен од фракциите поддржани од соседен Иран кои ги оспоруваат резултатите од парламентарните избори во октомври. Денешната одлука се смета за поттик за влијателниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр, чие движење се сметаше за победник на изборите со заземање на речиси една петтина од парламентарните места, додека проиранската Алијанса Фатах претрпе значителен пораз.

„Федералниот суд одлучи да ја отфрли жалбата, а со тоа тужителите ќе треба да ги сносат трошоците“, изјави денеска судијата Џасем Мохамед Абауд, додавајќи дека одлуката е конечна.

Предвремени избори во Ирак

Ратификацијата на изборните резултати беше одложена во очекување на одлуката по жалбата, во која се наведуваат технички и законски прекршувања за време на парламентарното гласање на 10 октомври.

Претходно денеска пред да биде донесена одлуката, стотици демонстранти го блокираа пристапот до силно утврдената „Зелена зона' во Багдад, во која се сместени многу странски дипломатски претставништва. Засега нема извештаи за насилство или судири.