Во експлозија во фабрика во Индија загинаа најмалку шест луѓе

Илустрација

Во експлозија на бојлер во фабрика во источна Индија, загинаа најмалку шестмина работници, а уште шестмина се повредени, соопшти полицијата.

Спасувачите трагаат по работници кои би можело да бидат затрупани под шутот од фабриката за прехранбени производи во местото Музафарпур, индустриска област 95 километри од Патна, главниот град на државата Бихар.

Причината за експлозијата се истражува, рече претставник на полицијата, кој додаде дека бројот на настрадани веројатно ќе расте, зашто четворица од повредените се во критична состојба.

Силната експлозија во фабриката оштетила домови и фабрики во индустриската зона Бела, јавија тамошните медиуми.

Лошите безбедносни стандарди се честа причина за пожари и експлозии во Индија. Минатата година во голем пожар и силна експлозија во магацин за хемикалии настрадаа 12 луѓе во близина на Амедабад во западната држава Гуџарат.