Нема нови антиковид мерки за празниците

Илустрација: Граничен премин

Под 5.000 падна бројот на регистрирани активни случаи на заразени со ковид-19 во земјава, а намален е и на околу пет проценти бројот на позитивни на вирусот од направени анализи. Според вчерашната статистика бројот на активни случаи изнесува 4.719. Најмногу активни случаи 2.375 има Скопје, а најмалку, односно по едно во Пехчево и Дојран.

Првиот случај на сојот омикрон на вирусот SarsCoV2 во земјава е детектиран завчера кај маж кој допатувал од Велика Британија.

Надлежните здравствени власти најавија дека за време на празниците не се предвидуваат нови дополнителни мерки во земјава, а вакцинацијата останува единствен излез од пандемијата. Многу земји во светот во пресрет на божиќните и новогодишните празници ги заострија анти-ковид мерките.

„Сметам дека сите овие мерки кои што се на сила сега кај нас се сосема доволни и не треба да се зголемува степенот на рестрикција во било која смисла, како во однос на тоа што се бара за влез во земјата, така во однос на се што важи за масовните собири, без разлика дали се тоа затворени објекти или некои настани или во угостителските објекти“, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче во изјава за Канал 5.

Прелиминарните податоци од Светската здравствена организација (СЗО), покажуваат дека сојот омикрон на коронавирус може да ја намали ефикасноста на вакцините против ковид-19, но овој вид е помалку опасен од делта сојот.