Одбраната на Мијалков со писмо до израелска Амбасада

Сашо Мијалков, архивска фотографија

Адвокатите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков денеска информираа дека испратиле писмо до израелскиот амбасадор, откако во образложението за одлуката на Основниот кривичен суд за нов 30-дневен притвор на нивниот клиент било наведено дека постои „опасност од бегство затоа што е во контакт и блиски врски со разузнавачките служби на Израел“.

„Во решението на Основниот кривичен суд е наведено дека постои опасност од бегство затоа што Мијалков е во контакт и блиски врски со разузнавачките служби на Израел, кои ќе му овозможат бегство во секој миг кога ќе посака без патна исправа и дека ќе му дадат засолниште“, истакна адвокатот Звонко Давидовиќ.

Според него, ваквото образложение е „апсурдно и претставува нешто што досега не е видено“.

Тој рече дека очекуваат оти израелската Амбасада ќе ги провери овие информации, а потоа „ќе даде демант или ќе се обрати до јавноста“.

На 22 декември првин Мијалков беше ослободен од притвор за случајот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор. Апелација му ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра и мерката притвор ја преиначи во мерки на претпазливост. Во истиот ден Кривичен суд му одреди нова мерка притвор од 30 дена по барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Новиот притвор е за делото „Плацеви на Водно“.