Путин го уверил Вучиќ дека Србија ќе има доволно гас оваа зима

Илустрација: Српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин дал гаранции дека Русија ќе се придржува до договорот и дека Србија ќе има доволно количества гас оваа зима. Тој ова го рекол во телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, се вели во соопштението од прес-службата на српскиот претседател.

Двајцата претседатели разговарале и за аранжман кој обезбедува дополнителни количини на гас.

Вучиќ му се заблагодарил на Путин за испораката на противоклопните ракети Корнет, оценувајќи дека „тие ракети од руско производство се најдобри во светот и дека претставуваат големо засилување за војската на Србија“, се истакнува во соопштението.

Двајцата посочиле дека очекуваат наскоро потпишување на Договор за стратешка економска соработка меѓу Србија и Русија.

Во разговорот, според соопштението, била нагласена подготвеноста за натамошна блиска соработка меѓу Србија и Русија за целиот спектар на прашања од билатералната, регионалната и меѓународната агенда.