Горбачов – САД станаа арогантни по распадот на Советскиот Сојуз

Поранешниот советски лидер Михаил Горбачов

САД станаа „арогантни и самоуверени“ по распадот на Советскиот Сојуз, вели 90-годишниот Михаил Горбачов во интервју објавено на 30 годишнината од неговата оставка како претседател на СССР.

Тој рече дека имало триумфално расположение на Западот, особено во САД, по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Во интервју за новинската агенција РИА Новости објавено вчера, Горбачов вели дека Кремљ бил во слаба преговарачка позиција, затоа што распадот на СССР во 1991 година предизвика економски хаос.

„Во таква позиција, како може да очекувате еднакви односи со САД, со Западот“, рече Горбачов.

„Тоа е прво. Второ, но не помалку важно, е триумфалното расположение на Западот, особено во САД. Ароганцијата и самодовербата им се удрија од глава“, рече тој.

Горбачов ја обвини желбата на САД за „изградба на нова империја“ за актуелните спорови околу НАТО и Украина.

Тој ги поздрави претстојните безбедносни разговори меѓу Москва и Вашингтон поттикнати од зголемувањето на бројот на руски војници во близина на границата со Украина.

„Се надевам дека ќе има резултат“, рече тој.

Горбачов поднесе оставка како претседател на СССР на 25 декември 1991 година, неколку дена откако лидерите на Русија, Белорусија и Украина соопштија дека Советскиот Сојуз веќе не постои.

Во последните години, рускиот претседател Владимир Путин стана сè покритичен против проширувањето на НАТО и неодамна побара „правни гаранции“ кои ќе спречат какво било понатамошно проширување на НАТО на исток и распоредување на оружје во соседните земји на Русија, првенствено во Украина.

САД соопштија дека некои од руските барања се неприфатливи.
На прес-конференција на 23 декември, Путин рече дека Вашингтон е подготвен да разговара за предлозите и дека разговорите би можеле да се случат на почетокот на наредната година во Женева.

Висок претставник на американската администрација рече дека САД се подготвени да се вклучат во разговори со Русија на почетокот на јануари во врска со барањето безбедносни гаранции, но не кажа каде би можеле да се одржат разговорите.

Путин еднаш го нарече распадот на СССР „најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“, а во документарец што се емитуваше на државната телевизија претходно овој месец рече дека тоа бил „распад на историска Русија“.