Јанев- не е национален ставот за распоредувањето на војниците на НАТО, туку мој личен

Министерот за одбрана на Бугарија Стефан Јанев

Бугарија е активна членка на НАТО и како таква не може да биде предмет на странски одлуки, изјави за БТА министерот за одбрана Стефан Јанев во првото интервју по преземањето на раководството во Министерството за одбрана.

Јанев, кој осум месеци беше премиер во службената влада на Бугарија формирана од претседателот Румен Радев, вели дека бугарските политичари мора да научат да дејствуваат како субјект во однос на потребата да се заштити националниот интерес и да се усогласи со заедничкиот интерес на ниво на НАТО. Тој го објаснуваше својот став, објавен пред неколку дена на социјалната мрежа Фејсбук во врска со можното распоредување на дополнителни трупи на НАТО во Бугарија и прецизираше дека изразил личен став во својство на министер за одбрана.

„Ова се уште не е национален став и од оваа гледна точка не треба да се шпекулира дека тоа е официјален став на Бугарија во моментов. Мојот апел е националниот став да биде добро аргументиран, во согласност со националниот интерес и секако во согласност со заедничките интереси на колективната безбедност на НАТО“, рече Јанев.

Тој деновиве наведе дека нема потреба да се распоредуваат војници на НАТО во Бугарија како одговор на трупањето на руските војници во близина на границата со Украина. Јанев во објавата на Фејсбук напиша дека „таквата одлука нема да одговара на интересите на НАТО ниту на националните интереси на Бугарија“.