Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција со која треба да се олесни протокот на хуманитарна помош во Авганистан, бидејќи земјата зафатена од војна се наоѓа на работ на хуманитарна криза откако талибанските милитанти ја презедоа власта во август.
Во резолуцијата, одобрена едногласно на 22 декември, се наведува дека се дозволува уплата на финансиски средства или економски ресурси и обезбедување на стоки и услуги неопходни за да се обезбеди навремена испорака на таквата помош или да се поддржат таквите активности.
Мисијата на Обединетото Кралство во ОН објави на Твитер дека „резолуцијата ќе помогне да се спасат животи со тоа што ќе се осигура дека режимот на санкции од 1988 година не претставува пречка за обезбедување хуманитарна помош“.
Откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан, меѓународната заедница одби да ги признае како нови власти, барајќи од милитантите да воспостават инклузивна влада и да ги обезбедат основните човекови права на сите Авганистанци.
Клучните глобални донатори го блокираа најголемиот дел од нивната помош за земјата, а резервите на авганистанската централна банка што се чуваат во странство беа замрзнати.
Во резолуцијата на ОН се вели дека ослободувањето на хуманитарна помош ги поддржува „основните човечки потреби во Авганистан“ и „не е кршење“ на санкциите наметнати на субјекти поврзани со талибанците.
Истражувањето на Светската програма за храна минатата недела покажа дека околу 98 отсто од Авганистанците не јадат доволно.