Левица најави бојкот на годишното обраќање на Пендаровски

Политичката партија Левица најави дека нејзините двајца пратеници Димитар Апасиев и Борислав Крмов нема да учествуваат на парламентарната 56-та пленарна седница, на која е планирано традиционалното годишно обраќање на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во нивното соопштение е наведено дека тие одбиваат да учествуваат во, како што велат, формалистичкиот театар на шефот на државата.

Според нив Пендаровски ги одмолчил испадите на балкански соседи со кои се негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик.

„Пендаровски, познат по својот некреативен дрвен евро-атлантски новоговор и апологет на сервилниот и невизионерски НАТО-фундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински и обединувачки „Татко на нацијата“, се вели во соопштението на Левица.

Претседателот Стево Пендаровски денеска во 12 часот ќе се обрати пред пратениците во Собранието. Пендаровски, како што веќе е најавено, ќе го одржи своето обраќање пред пратениците во рамките на 56 собраниска седница
Пендаровски, како што е вообичаено, ќе говори за актуелните случувања изминатиот период и за очекувањата во следната година.