Протести за ослободување на екс претседателот на Грузија

Протестите за поддршка на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили

Неколку илјади приврзаници на затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили излегоа на протести по извештајот на независната медицинска комисија дека тој бил „мачен“ додека бил во притвор.

Демонстрантите вееја знамиња и држеа транспаренти кои повикуваа на итно ослободување на Саакашвили додека маршираа низ главниот град Тбилиси и се собраа пред зградата на парламентот. Протестот беше закажан да се совпадне со 54-тиот роденден на Саакашвили. Нема извештаи за апсења или насилство.

Непосредно пред протестот, Саакашвили, кој е во притвор од почетокот на октомври објави порака на Фејсбук повикувајќи на национално единство и мирни демонстрации.

„За мене лично, изборот е јасен- или смрт или слобода, бидејќи Грузија ќе умре без слобода и тогаш мојот живот ќе ја изгуби смислата. Во нашата различност и нашата љубов кон слободата е нашата сила и тајната на опстанокот“, напиша тој.

Поранешниот претседател рече дека еден ден Грузија „ќе избере влада која ќе им служи на сите Грузијци, наместо на еден човек“, мислејќи на милијардерот и основач на владејачката партија Грузиски сон, Бидзина Иванишвили. Се верува дека Иванишвили е главниот носител на одлуки во оваа јужнокавкаска земја, иако тој не извршува никаква функција.